Кандидатот за градоначалник од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Константин Георгиески во вчерашното гостување на дебатната емисија „24 Анализа“ на „Телевизија 24“ уште еднаш пред јавноста ја изложи својата визија за развој на охридските плажи, што не е само најава, туку проект, чија реализација е во тек. На прашањето за уредувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро, истакна дека Општина Охрид веќе има распишано јавен повик за уредување на плажите согласно Планот за управување со светско природно и културно наследство и дека за сите содржини и времени објекти кои се предвидуваат на плажите ќе бидат користени само природни материјали.

,,Предвидено е тие да се од дрвен материјал и друг природен материјал кој ќе се вклопи и нема да го наруши еко системот. Општината има намера сама да ги уреди соодветните локации, а не да го издава земјиштето на јавно наддавање, за да се избегне проблемот кој се јави поради изградба на недозволени објекти" рече Георгиески

На прашањето околу опасноста да се изгуби статусот на Охрид на град заштитен од УНЕСКО, Георгиески поитенцираше дека Локалната самоуправа целосно ги следи и спроведува препораките на УНЕСКО и презема мерки за анулирање на забелешките на Комисијата. За таа цел направен е регистар за бесправни градби, а и веќе се постапува по основ на истите, со посебен акцент на крајбрежјето и на Националниот парк Галичица.

Како резултат на тоа на сесијата која се одржа минатото лето, Охрид остана на листата на заштитени од УНЕСКО и доби дополнителен рок за постапување.

На прашањето – каков туризам треба да се развива во Охрид и во која насока да се движи, Георгиески рече дека се чека донесувањето на Стратегијата за развој на туризмот која веќе е изготвена од стручен кадар од ФТУ Охрид, а финансирана од општината. Тој истакна дека најдобро би било во Охрид паралелно да се развива елитен и масовен туризам, но на таргетирана група гости кои би доаѓале во одреден период од годината и би уживале во убавините на градот.

Георгиески потенцирае дека 2019 година била рекордна по бројот на реализирани ноќевања во Охрид со бројка од 1,5 милиони ноќевања. Тоа било резултат на добро конципиран начин на функционирање на туризмот. Информираше дека биле
преземени чекори за проширување на туристичките пазари, конкретно со Северна Италија од каде во 2020 требало да пристигнат голем број гости, но поради пандемијата овој договор стагнира.

Георгиески во дебатната емисија го изнесе својот став и во однос на изградбата на марина.

Тој рече дека неопходно е донесувањето на план за управување со крајбрежјето на езерото, после што ќе се одреди локацијата каде ќе се наоѓа марината.

Во врска со екологијата, загадувањето на езерото и проблемот со депонијата Буково, градоначалникот кажа дека интензивно се работи.
 
„Ако нешто се направи за заштита на Охридското Езеро тоа е во изминатите четири години. Формирано е јавното претпријатие Колекторски систем, се инвестираа првите четири милиони евра, се постави цевка во цевка систем, се реконструираа пумпните станици;, истакна градоначалникот. Тој додаде дека интензивно се работи на изградба на
четирите прочистителни станици за реките кои се индиректни загадувачи на езерото, додаде тој.

Околу прашањето за депонијата Буково, Георгиески рече дека тоа не е проблем само на општина Охрид туку е регионален проблем кој ќе се решава со Националната стратегија за третирање на отпад, а општината ќе направи се што е потребно, Охрид да биде меѓу првите за решавање на овај проблем.