„Да се бара мандат од охриѓани е голема одговорност, затоа што Охрид е најскапоценото богатство што го имаме, светско наследство со непроценлива вредност. Во изминатите години покажавме што значи љубовта кон Охрид – ја раздолжвиме општината и реализиравме проекти ветувани со децении“ кажа актуелниот и кандидат за градоначалник на Охрид, Константин Георгиевски на трибината „Најдоброто за мојата општина“.

„Охрид доживува вистински развој, инвестиравме во инфраструктура, образование, проекти за млади и се што беше потребно за граѓаните. Создадовме можности за охриѓани и туристите и вложивме средства како никогаш досега за проекти видливи на дело“ кажа Георгиевски.

Тој додаде дека со преземените храбри чекори Охрид успеа да го сочува и статусот во УНЕСКО.

„Не дозволивме никој да ја сопре нашата решителност и покрај пречките. Постапивме, ги спроведовме законите и сите препораки за заштита на крајбрежјето на Охридското Езеро. Нашите заложби беа поздравени од сите релевантни меѓународни институции и експерти, а на крајот валоризирани од УНЕСКО“ рече Георгиевски.

Градоначалникот на Охрид додаде дека пропаднале сите обиди за дисквалификација и креирање лажни слики за хаос во градот од страна политичките противници, бидејќи во сезоната граѓаните и туристите уживаа во слободни плажи, без диви градби и без бетон.

Георгиевски од Охрид: Додека јас решавав проблеми, противниците пишуваа лаги

„Додека јас во изминативе две и пол години решавав проблеми и реализирав проекти, оние другите седеа зад тастатурите и пишуваа лаги и критикуваа. Епа дојде време да се пресметаме, да соочиме факти и да ја видиме вистината. Дојде време на дела, наместо празни зборови“ кажа актуелниот и кандидат за градоначалник на Охрид од СДСМ и коалицијата, Константин Георгиевски на трибината „Најдоброто за мојата општина“.

„Тие за сите политичка корист продолжуваат да лажат, со намера да се вратат на власт и да продолжат да ги полнат џебовите наместо буџетот на државата. Но вие, граѓаните, го препознавате тоа и нема да дозволите да ве турнат во мрачни сценарија“ рече Георгиевски.

Тој додаде дека Охрид знае и Охрид нема да се врати во нивната застарена политичка матрица без идеи и концепт.

„Нема да им дозволиме повторно да ни ја земат слободата. Охрид нема да го дадеме на политичките ученици на Груевски и Мицкоски кои сејат лаги и се плашат од носење на вистински и храбри одлуки“ рече Георгиевски.

Актуелниот градоначалник кажа дека функцијата носи повеќе одговорности отколку бенефиции и дека по две и пол години напорна работа и одрекувања, горд е со постигнатиот резултат и реализирање на визијата за поубав Охрид.