Германската компанија ВПД ќе гради 415-мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово-Старо Нагоричане-Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра, во стратешко партнерство со македонската влада.

Станува збор за проектот „Вирови“, кој треба да биде готов за шест години, а, како што кажа премиерот Зоран Заев, нема да користи никакви повластени тарифи од државата и ќе снабдува со електрична енергија 290.000 домаќинства. Договорот за стратешко партнерство меѓу македонската влада и ВПД е на 45 години.

„Ова не е само најголемата германска инвестиција во земјата, ова е најголемата директна гринфилд инвестиција во македонската економија од независноста до денес. Таа е доказ дека зеленото сценарио и тоа како е возможно. Овој проект е повеќе од половина од предвидените 700 мегавати со стратегијата. На полињата од Куманово до Крива Паланка ќе има 69 ветерни турбини, а сега Македонија има само 16“, изјави Заев на денешната презентација на проектот.

Германската амбасадорка Анке Холштајн кажа дека проектот ќе овозможи годишно намалување од 310.000 тони јаглерод диоксид. Таа ја пофали владата дека е на добар пат и привлекува странски инвестиции за обновливи извори на енергија.

Извор: СДК