Филип Петровски, поранешен функционер во ВМРО-ДПМНЕ и екс-пратеник, а сега жесток критичар на актуелното раководство на опозициската партија, вели дека се подготвува смена на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а на тоа кумува поранешниот претседател на партијата, Никола Груевски.
Според Петровски, за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ се подготвува Александар Николоски, потпретседател на оваа партија.
„Тука е споната Александар Николоски, за кој што се зборува дека по абдицирањето на Мицкоски, треба да биде неговиот нов наследник, нели, со амин од Груевски, за тој да го задржи своето влијание во партијата. Моите информации говорат дека Николоски работи на создавање на коалиција, на создавање на медиуми, на прибирање на новинари и на влијателни луѓе кои тоа би го поддржале. Тоа Мицкоски го знае и мислам дека е свесен дека не може да избега од тоа доколку промената се случи. Според мене, тоа е тотално неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде погубно, бидејќи партијата е во многу лоша состојба сега“, вели Петровски во интервјуто „Во Центар“.
На почетокот на интервјуто Филип Петровски вели дека во овој момент Антонијо Милошоски е човек број еден во ВМРО ДПМНЕ и дека тоа е дел на тоа кичевско удбашко крило во партијата. Дел од тоа крило според него е и семејството на сегашниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски.
Николоски, како што вели, Петровски веќе прави коалиција со моќни медиуми и новинари, како и со дел од тајкуните блиски на ВМРО ДПМНЕ да го поддржат во лидерската битка за тронот на партијата.
Николоски е производ на Груевски, вели Петровски и беше избран да биде Претседател на младината на ВМРО ДПМНЕ по оставката на Игор Гиевски кој, според него, сега ги води бизнисите на Мицкоски.