Холандскиот премиер Марк Руте утре ќе престојува во посета на Северна Македонија, потврдија од Владата за МИА. Ова е прва посета на холандски премиер на државава, а се случува во момент кога земјата е соочена со политичка криза и ден пред гласањето доверба на Владата. Руте доаѓа во Скопје и во време на блокада од Бугарија на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Холандија поддржува старт на преговорите со Скопје и Тирана, и како што истакна Руте на неодамнешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо, очекува надминување на блокадата по изборите во Бугарија, а Хаг ќе помогне за што побрзо почнување на пристапните преговори.

– Ќе треба да почекаме на изборите во Бугарија. Не сум среќен со фактот што пристапните преговори со Северна Македонија сè уште се блокирани. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаеме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме сè што можеме за тоа да се случи, нагласи Руте.

Посетата на Руте на Скопје, ја најави минатата недела холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.

– Првпат во историјата на Северна Македонија нашиот премиер Марк Руте ќе ја посети земјава. Тој ќе биде примен од премиерот на Северна Македонија, изјави амбасадорот.

Во коментар за најавената оставка на премиерот Зоран Заев, амбасадорот тогаш ја повтори изјавата од Брисел дадена во име на сите земји членки дека ЕУ ја селди состојбата и дека е многу битно да се остане на патот на реформите.

Холандија важи за принципиелен поддржувач на процесот на проширување на ЕУ, но инсистира на строго и доследно спроведување на реформите, особено во делот на владеење на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал.