Не треба да ги обвинуваме земјоделците што избираа да ги продават своите производи на оние што им плаќаа повеќе, а што се одрази врз цените на зеленчукот и овошјето на зелените пазари кај нас, вели претседателката на Националната федерација на фармери Васка Мојсовска.

За да се избегне ова, потребно е законско решение, со кое ќе се спречат уцените од трговците кон производителите, по примерот со Законот за вино, во кој е пропишана производната цена, па винариите повеќе не можат да ги изигруваат лозарите. Сепак, и покрај ова, повеќе нема да има евтина храна, тврди Мојсовска.

На порастот на цените на земјоделските производи влијаат и лошите климатски услови, а годинава времето не им беше наклонето на земјоделците, оценуваат од Федерацијата на фармери. Сепак, еден од најголемите проблеми е недостигот на работна сила. Сите сакаат пари, ама никој не сака „црно под ноктите“, вели Мојсовска.

Иако генерално годинава ја оценуваат како лоша за земјоделството, од Федерацијата на фармери ја поздравуваат можноста земјоделците да изберат помеѓу продажба на своите производи или нив да ги брендираат, регистрирајќи ја својата дејност како мал оператор на храна.