Изградивме над 50 километри патишта и ќе продолжиме да инвестираме во инфрастуктурата, порача кандидатот за градоначалник на Крушево, Томе Христовски на трибината на СДСМ во градот. Тој кажа дека е неопходно да се инвестира и во крушевските села, па затоа се гради цевковод во Саждево, резервоари за вода во Белушино и Борино, но вети дека ќе се инвестира и во образованието и младите.

-Направивме санација на сите подрачни училишта. Опремивме и оспособивме сала за театар и кино, а ќе се реконструира и Домот на културата, што ќе биде место за култура и за неформално образование. Најавувам и изградба на ново повеќенаменско игралиште, рече Христовски.

Тој додаде дека младите ќе се задржат во Крушево доколку има инвестиции, а една таква е фотоволтаичната централа вредна пет милиони евра, како и проширување на индустриската зона.

-Во 2017 година начекавме општина затрупана со три кредити и 13 милиони денари долг, а ја направивме една од најуспешните. Од општина без проекти ја направивме општина со над 50 проекти и реализирани шест милиони евра, нагласи Христовски.

Тој најави и изградба на секундарна водоводна мрежа со нови извори со средства од централната власт, како и изградба на пат до манастирот „Свети Спас“.