На 28 јуни во Франција ќе се одржи вториот круг од општинските избори. Премиерот Едуар Филип и министерот за внатрешни работи Кристоф Касатенр, како што информира МИА, на заедничка прес-конференција, изјавија дека ќе се оди на избори иако на консултациите со политичките групи и лидерите на политичките партии не бил постигнат консензус за датумот на изборите да биде 28 јуни.

На почетокот на неделата, Научниот совет – тело кое ја советува француската влада за справување со епидемијата на коронавирусот, го објави своето мислење, во кое посочи дека не е „против“ одржувањето на вториот круг на општинските избори да се одржат во јуни.

Но, Советот прецизира дека ќе биде неопходна нова здравствена проценка, 15 дена пред вториот круг пред да се официјализира одржувањето на изборите, со давање препораки за безбедносно-санитарно организирање на изборите.

Вториот круг на општинските избори, ако здравствените услови го дозволат тоа, ќе се одржи во 4 816 општини, вклучувајќи ги Париз, Лион и Марсеј.  Во 30 143  други општини во Франција општинските совети беа избрани во првиот круг.

Извор: 360 степени