За влакно избегната тепачка помеѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската седница за поставување на опозициски пратенички прашања. Претседателот на Собранието, Африм Гаши за да спречи вербалниот инцидент да прерасне и во физички го повика обезбедувањето да интервенира и даде 10 минути пуза.

Збрката настана кога Реџеп Исмаил од Левица му постави пратеничко прашање на премиерот Христијан Мицкоски, а тоа претходно не било писмено најавено кај претседателот на Собранието. На ова процедурално реагираше Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека го изигруваат Деловникот. По ова настана мешаница, а Апасиев од место довикуваше и замавнуваше со, најверојатно Деловникот кон пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа околу местата каде што седат пратениците од Левица.