Интервју за А1он на носителот на кандидатската листа за пратеници од коалицијата “Можеме” во ИЕ3, Љупчо Николовски.

Какви се анализите на СДСМ, односно колацијата „ Можеме“, колку мандати очекувате, односно , какви се шансите за освојување на власта?

Убеден сум во голема и цврста победа. По 10.000 извозени километри низ Истокот, 22 општини, сите населени места ги пројдов и секаде слушам – да! Дишеме слободно, зборуваме слободно! Сега сакаме да одиме напред!

Млади и стари, бизнисмени и работници, доктори и текстилци, пазарџии и трговци, се видов со сите. Ги ценат сите успеси што ги направивме за кратко време.

Знаат со која партија на власт се чувствуваат повеќе безбедни. Со која партија сметаат дека може докрај да се доведат преговорите со ЕУ. Која партија може да донесе стабилност и поддршка од меѓународната заедница.

Знаат дека со коалицијата Можеме предводена од СДСМ ќе одиме напред. Граѓаните не сакаат да се вратат во несигурност и страв.

-Дали вашиот партнер во владата би бил повторно ДУИ иако вашиот лидер отворено кажа дека нема да коалицира со оваа партија (што доколку ДУИ пак го освои мнозинството кај албанскиот електорат)?

Не ми се допаѓа ова што го гледам од ДУИ, но не ме чуди. Тие имаат сериозно нарушен рејтинг кај граѓаните и одат на националистичка карта, која не се свесни дека нема да им помогне, туку напротив, многу многу ќе им наштети.

Тргнаа со идеја за некаков надпартиски кандидат Албанец за премиер, за на крај да се сведат на човек, кој само два дена пред да биде промовиран, ја критикуваше оваа идеја.

Цитирам – „Слоганот за премиер Албанец не е голема идеја и не може да биде атрактивна за да се направи радикален пресврт кај гласачите“. Ова не се мои зборови или на некој од СДСМ, туку зборови на Насер Зибери, дадени за медиумите два дена пред да биде официјализирано неговото име.

Треба ДУИ да замине во опозиција, тоа е добро и за неа и за државата. Од многу години на власт, се случува само едно – се губи допир со реалноста. За нив и за сите е подобро тие да го отседат натпреварот на клупа.

Доколку не е ДУИ дали опцијата за коалаицирање е со партии од албанскиот опозициски блок?

Уцени не прифаќаме. Ќе разговараме со секој кој е подготвен да ја усклади својата програма кон програмата на коалицијата Можеме. Имаме одлична програма која доаѓа од најшироката коалиција во македонската политичка историја и во неа има програми за подобро утре на сите граѓани.

Ние мислиме на иднината, покажавме со решавање на тешки децениски прашања дека не сме тука за да ги штитиме своите интереси или интересите на партиите во коалицијата туку на граѓаните. На некои партии не им одговара таква влада која е отворена, транспарентна и која се корегира пред секоја аргументирана критика.

Затоа, време е таквите партии да поминат четири години во опозиција и да го искористат тој период да се реформираат, а на нивно место да дојдат партии кои се подготвени да покажат различна политика!

-Како гледате на малите партии, кои на овие избори одат со национален предзнак, зачуваување на идентитетот, јазикот и најавуваат освојување и по десет пратеници, при што повикуваат гласот за нив да го дадат и разочараните гласачи од СДСМ?

За само половина мандат направивме повеќе од нашите претходници за 11 години. Поголеми плати, поголеми пензии, повисока социјална помош, укината радиодифузна такса, воведен поврат на ДДВ, воведена евтина струја и што уште не. А на сето тоа наидовме на крајно неодговорна опозиција која за сите овие работи кои ги вратија парите назад кај граѓаните гласаа ПРОТИВ!

Имајќи го во предвид краткиот период кој го имавме и фактот што згора на сето ова ние решивме проблеми кои 30 години не кочеа во државниот прогрес заради политиканство, а сега имаме чист пат за развој, навистина не гледам  разочарување кај гласачите од СДСМ туку силен мотив да продолжиме напред. Тие се свесни што се направи за половина мандат и знаат дека можеме уште повеќе и уште подобро!

Малите партии си имаат своја програма, живееме во демократија, секој е слободен да зборува, критикува, обвинува, кажува се што сака… Тоа до пред неколку години беше невозможно, а сега го уживаме истото секојдневно. Секој кој смета дека програмата на малите партии е подобра и тие можат да ја водат државата во права насока, може да гласа за нив непречено.

-Дел од политичките партии, особено десните, најавуваат поништување на Преспанскиот договор и враќање на уставното име на државата како гледате на оваа опција?

Видете, во основа тоа го зборуваат само дел од помалите партии но и ВМРО-ДПМНЕ. Тие велат дека ќе го поништат договорот од Преспа. Тоа значи прекинување на членството во НАТО и преговорите со ЕУ и затворање на нашите врати и останување во изолација уште многу долго во иднина, веројатно и со загрозување на државната безбедност. Затоа тоа не смееме да го дозволиме. Граѓаните на 15 јуни ќе одберат напредокот да продолжи.

-Вашите политички опоненти обвинуваат, дека и покрај Преспанскиот договор, Грција може да го блокира патот кон ЕУ? Можно ли е тоа да се случи?

Знаете дека имаат прекар, фејк-њуз ВМРО ги нарекуваат. Единственото нешто што им дава живот се лагите. Ниту Гоце сме го дале, ниту северџани сме се крстиле. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, признат од целиот свет. Фејк њуз ВМРО треба повеќе да ја сакаат земјата и својот народ. Да беше така немаше во само две и пол години да гласаат ПРОТИВ поврат на ДДВ, ПРОТИВ платежна картичка, ПРОТИВ евтина струја, ПРОТИВ укинување радиодифузна такса, ПРОТИВ зелена нафта за земјоделците, ПРОТИВ зголемени пензии, ПРОТИВ зголемена социјална помош, ПРОТИВ зголемена минимална плата!

Македонците се против враќање во минатото. Одиме напред. Лагите не им проаѓаат. Ова што го прашувате е уште една измислица на Игор јанушев, креаторот на најголем дел од фејк вестите во фејк-њуз ВМРО.

-Кај граѓаните постои разочараност од властите кои се менуваа во изминатите 30 години, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Постои ли недостиг на одговорност за меѓусебната амнестија на криминал, корупцијата и нефункционирањето на институциите. Како да се надмине оваа состојба?

Имаме уште многу работа, апсолутно. Судските проблеми се следни на агендата за решавање. Законот за Јавно Обвинителство е темелот на кој ќе ја градиме таа промена. Истиот го донесовме иако ВМРО-ДПМНЕ беше ПРОТИВ носењето на законот зошто знаат дека со него се поставува темелот на вистински независното судство и обвинителство каде нема веќе местенки, туку само одговорност!

Се ќе направат да го заштитат криминалот и нивното членство кое плива во обвиненија и опасност од одговорност.

Состојбата ќе се надмине само со вистински реформи и промени. Бараме чист мандат за да ги искинеме ланците што не влечат назад. Без калкулирање, без интереси. Како што храбро решивме други крупни проблеми, сега следно е судството. Не смее да им се дава шанса на учениците на Груевски да прават додатни проблеми зошто ТИЕ СЕ ПРОБЛЕМОТ а ние решението.

 

Целото интервју на линкот тука