Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на овци, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за одгледувачите на овци.

Како корисници на оваа финансиска поддршка се јавуват земјоделските стопанства, кои поседуваат минимум 30 овци постари од 12 месеци, на денот на поднесување на барањата за поддршка и кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач, или предале/заклале јагниња во преработувачки капацитети.

Од оваа подмерка исплатени се 1.771 огледувач на овци со финансиска поддршка во висина од 455,3 милиони денари. Висината на финансиската поддршка изнесува 1.400 денари, по грло овца.

Преку денешната исплата на дополнителните директни плаќања за одгледувачите на овци, во целост ја заокружуваме финансиската поддршка за директни плаќања за обележани грла овци, велат од МЗШВ.

Кон одгледувачите на овци, во месец февруари, најпрвин беше исплатена основната субвенција од 600 денари, која заедно со денешната исплата достигнува вкупна поддршка по грло овца од 2.000 денари. Дополнително сите одгледувачи на овци што имаат предадено предадено или заклано јагниња во регистрираните кланични капацитети, според доставените списоци од кланичните капацитети, ќе добијат и дополнителна поддршка од 400 денари за заклано јагне.

Потсетуваме дека кон крајот на 2023 година, беше реализирана, до сега, најголемата исплата на премиите за произведено и предадено млеко, која опфати период за 7 месеци, односно фазите октомври – декември 2022 година и јануари-април 2023 година. Со оваа исплата до сметките на 4.311 млекопроизводители исплатени беа 277,9 милиони денари. Вредноста на премијата изнесува 5 денари за литар произведено и предадено кравјо млеко и 6 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко, додаваат надлежните.