Антикорупциската комисија по именувањето на министрите и другите високи функционери во новата влада на чело со Димитар Ковачевски ќе биде задолжена за проверка и понатаму следење на имотната состојба на државните фукционери.

-Сме оствариле контакт со Ковачевски, сме разговарале. Првиот човек секогаш е огледало на институцијата и пример на вработените како непишано правило. Затоа многу е важно за членовите на новата влада својот личен интегритет да го стават во функција на позицијата која ја заземаат и функцијата која што ја обавуваат. Кога критикуваме не го правиме тоа затоа што така сакаме туку да се подобри функционирањето во системот и негова поголема успешност, рече Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за борба против корупцијата.

Таа додава дека сите избрани и именувани членови на влада се предмет на испитувања на Комисијата.

-Мислам дека новиот премиер и сите министри треба да се погрижат да ги спроведат активностите на националната стратегија да се спроведе истата и да ги спроведат нашите препораки, децидна е Ивановска.

Според неа треба да постои вицепремиерско место за борба против корупција како клучно за справување со овој негативен феномен во државата.

-Ресорот вицепремиер за борба против корупција е одлука на Владата. За нас важно е да се креираат политики за спречување на корупцијата. Поле за работа има за сите бидејќи корупцијата кај нас е широко распостранета. Според препораките на ГРЕКО сметам дека треба ваква позиција за спроведување на етичкиот кодекс за добро владеење и управување, рече Ивановска во гостувањето на Утрински брифинг.

Таа наведе неколку приоритети кои според неа треба да ги спроведат новите членови на владата во своите ресори.

-Прво треба сите членови на Влада да си го прочитаат еичкиот кодекс, неформално да го потпише но што е уште поважно да го прифати. Број два е да се обезбеди лице кое вистински ќе се грижи за негово спроведување. Број три е лице кое што ќе се грижи за нивниот интегритет, да се воведат оперативни стандарди и процедури, да се направи проценка на ризици и да се обезбеди внатрешно искажување на вработените односно да се обезбеди лице кое ќе работи со укажувачи. Потребно е да се воспостават внатрешни канали, како и да функционира внатрешната контрола во министерствата, вели првата антикорупционерка, претседател на ДКСК Билјана Ивановска.