Со 62 гласа ЗА и 46 ПРОТИВ сношти е избрана новата Влада предводена од мандатарот, сега премиер Димитар Ковачевски. Вкупно гласале 108 пратеници.

-Оваа Влада има легитимитет и таа ќе работи до 2024 година кога ќе има избори, до тогаш ќе работиме транспарентно и работливо, уште од првиот ден, уште од утре. Веќе утре ќе расправаме за енергетската криза. Задутре ќе разговарам со бугарскиот премиер Кирил Петков базиран на почитување на македонскиот идентитет и посебност. Веднаш потоа ќе расправаме за пензиите и за стандардот на граѓаните. Имам јасен план за реализација на програмата со реални рокови“, изјави на крајот од расправата мандатарот Димитар Ковачевски порачувајќи дека доаѓа ново време.

„Искрено се надевам дека опозицијата ќе биде конструктивна и дека ќе работи заедно со нас секогаш кога тоа е во интерес на граѓаните. Повикувам да престанат политичките и етничките поделби и заедно да ги решаваме клучните приоритети. Повеќе од кога било е потребно да се работи“, рече Ковачевски.

На крајот од кусото обраќање тој рече: „Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам добро здравје, мир и спокојство во семејствата. Ветувам дека ќе направиме се да ја оправдаме довербата на граѓаните. Доаѓа ново време, доаѓа подобро време, да живеат граѓаните, да живее Северна Македонија“.

Новата Влада на Димитар Ковачевски брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри. Нов вицепремиер за европски прашања е Бојан Маричиќ, Славјанка Петровска ќе раководи со Министерството за одбрана, Никола Тупанчевски е министер за правда, Славица Грковска вицепремиерка проти корупција, Оливер Спасовски останува во МВР, Љупчо Николовски е во ресорот земјоделие, Фатмир Битиќи останува вицепремиер за економски прашања, Јована Тренчевска министерка за труд и социјала, Благој Бочварски во транспорт и врски, Бисера Костадиновска е новата министерка за култура и Горан Милевски од ЛДП во локална самоуправа.

ДУИ ги задржува ресорите освен рокадата на Јетон Шаќири од ресорот информатичко општество во ресорот образование. Артан Груби прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи во ресорот надворешни работи, Крешник Бектеши економија, Насер Нуредини во животна средина.

Алтернатива ќе раководи со ресорот здравство каде нов министер е Беким Сали, Адмирим Алити ќе биде прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи министер без ресор задолжен за дијаспората.

Утрово во 9 часот во Владата е закажано примопредавањето на функцијата премиер од Зоран Заев на Димитар Ковачевски.