И покрај обидите за политички опструкции од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Собранието синоќа по петдневна расправа со 63 гласа „за“, 36 „против“ и ниту еден „воздржан“ го донесе Буџетот за следната година.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП, а расходите се проектирани на ниво од 272,4 милијарди денари што е за 1,4 проценти повеќе од годинава.

Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. За капитални инвестиции за следната година се предвидени 37,8 милијарди денари, што е за 27 проценти повеќе во однос на 2021 година. Запазено е т.н. „златно правило во финансиите“, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.

Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, со Буџетот ќе се обезбеди непречено финансирање на основните функции на државата, ќе се забрза економскиот раст и ќе се даде поддршка на реформските процеси во правосудството и на евроинтеграциските процеси.

– Целите на Буџетот се продолжување на грижата за здравјето на граѓаните, закрепнување на економијата, фискална консолидација и непречено финансирање на основните функции на државата. Политиките на Буџетот се засноваат на стратешките документи како што се реформската програма во координација со ЕУ, Планот за забрзување на економскиот раст, документот за фискална одржливост и Планот за инвестиции, рече Бесими во завршното обраќање.

Како карактеристики на Буџетот, Бесими ги посочи зголемувањето на капиталните инвестиции, намалувањето на тековните расходи посебно за стоки и услуги и продолжувањето на транспарентноста во менаџирањето на јавните пари.

– Сеопфатната дискусија за Буџетот придонесе во подобрување на квалитетот. Се прифатија 23 амандмани во вредност од 382 милиони денари. Можам да кажам дека партиципенти беа сите пратеници, рече Бесими, изразувајќи благодарност до сите пратеници за конструктивната дебата.

Во текот на петдневната расправа, власта и опозицијата изнесоа спротиставени ставови.

За пратениците од власта, Буџетот е развоен и во насока на подобро справување со енергетската и здравствената криза. Сметаат дека Буџетот е донесен низ транспарентен и инклузивен процес за што доказ се прифатените 23 амандмани во вкупна вредност од околу 382 милиони денари од кои поголем дел се од опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ и овојпат како и многу пати досега кога требаше да се гласаат мерки за помош на граѓаните или пак помош за компаниите, постојано измислуваше забелешки и ја одолговлекуваше расправата се со цел земјава да западне во уште поголема криза. Единствен изговот за нив беше дека Буџетот е нереален со голем број капитални инвестиции кои нема да се реализираат.

Во рамки на денешната седница беше донесен и Законот за извршување на Буџетот за 2022 година.

Предлог-буџетот беше усвоен на 30 октомври од страна на Владата. Предлог-буџетот потоа беше доставен до Собранието каде помина низ десетдневна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет и повторно вратен во Владата каде беа прифатени 23-те амандмани. Потоа повторно беше вратен во Собранието каде на пленарна седница пет дена се расправаше за него.