Ненад Јовановиќ, аналитичар и колумнист, во вечерашното гостување во “Само вистина” на Канал 5 телевизија, објасни која според него е разликата на двата концепта кои ги предводат Заев и Мицкоски, односно на што се темелат нивните политики.
“Оваа земја во последните 12 години беше киднапирана земја. Да не заборавиме дека владеењето на правото е основно човеково право кое ги санира и ги сервисира останатите човекови права. Кога една земја ќе биде киднапирана и во неа ќе се воведе авторитарен популизам, а популизмот по дефиниција е насилство на сетилата, на чувствата, на размислувањето, кога ќе се укине дебатата и сите соседи ќе ги направите непријатели, тогаш од тоа не може да се излезе тукутака бидејќи вирусот кој што бил инсталиран 10 години не може тукутака да се деинсталира.
За разлика од тоа време, денес во ова време нема реваншизам, луѓето не ги шиканираат во институциите, луѓето не ги заокружуваат со глави и мети. Кажете еден од власта кој брани ваква политика и дали оваа Влада некого нарече предавник, шпиун, одроден со цел на таков начин да билда рејтинг. Тоа се многу важни сегменти.
Од друга страна, додека беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, минималната плата беше 8-9 илјади денари, а денеска е 14 500 денари. Во времето на фамозниот Груевски платата на докторите беше 30-40 илјади денари, денеска дојде до 100 илјади денари. Значи, гледаме дека оваа влада се грижи и има чувство за реалните потреби на граѓаните, додека за жал, целата политика на ВМРО-ДПМНЕ е базирана само на симболи и митолошки приказни, значи немаат чувство и перцепција за реалноста за обичниот човек. Ја слушав и изјавата на Мицкоски, тие цело време се ориентирани кон бизнис фелата, значи тие го сакаат бизнисот. Тие немаат сочувство за мали и ранливи луѓе, тие цело време работат со крупен капитал, а овие малите и ранливите за нив се тесто за месење и гласачка боранија која ќе ја влечат за уши на гласање. Ете тука е разликата помеѓу Заев и Мицкоски. Мицкоски нема допир со реалноста, тој никогаш нема да сфати дека Заев работи за луѓе, за граѓани, за конкретни ранливи категории” – истакна Јовановиќ,.