Во вечерашното издание на “Топ тема” на Телма телевизија, новинарот Борјан Јовановски констатира дека единствен авторитет кој може да процени каква е реалната состојба со коронавирусот се здравствените експерти, лекарите и епидемиолозите, односно Комисијата за заразни болести, и мора да се создаде култура на почитување на институциите.

“Она што ме загрижува граѓански е дека ова што се случува е многу индикативно и илустрација за институционалната култура воопшто. Лидерите на политичките партии се тие кои договараат, анализираат и кажуваат дали е нешто добро по здравјето на граѓаните или не. Комисијата за заразни болести за мене во една ваква ситуација како граѓанин на оваа држава е единствен авторитет, односно тоа се здравствените власти, докторите, епидемиолозите. Ако таа Комисија има мислење, тогаш ние мора да се договориме во оваа држава дали ќе ги почитуваме тие луѓе или не.

Немам легитимитет да кажам кога е подобро да има избори, но ако постои малку институционална култура во оваа држава, тогаш Комисијата за заразни болести е таа која кажува може или не може. Ако Комисијата за заразни болести во случајот излегува со мислење дека вирулентноста на вирусот опаѓа, а не знаеме наесен како ќе биде, тоа е мислење врз кое треба да се базира политичката одлука, како на пример дали ќе има или не вонредна состојба. Ако ги почитуваме институциите, во тој случај Владата има уредба со законска сила која вели изборите се стопирани и по завршувањето на вонредната состојба од тој момент продолжуваат изборните дејства. За почитување е тоа што Владата особено во еден ваков пржински формат, се обидува да обезбеди консензус бидејќи има претставници од сите партии. Убаво е да има политички дијалог, можам дури и да ги разберам ДИК дека им треба ден повеќе, но по мене релевантна дискусија би била онаа која се води околу техникалиите” – истакна Јовановски.