Претставниците на Јавното обвинителство на Бугарија денеска пристигнаа во Јавното обвинителство на РСМ и во текот на утрешниот ден ќе им бидат предадени ДНК анализите од роднините на покојните, заедно со документација што е досега обезбедена, пред се одземените документи од „Беса транс“ и податоци од Министерството за транспорт и врски, информираше денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

На експертизата за утврдување на идентитетот од ДНК анализата, Јовески посочи дека ќе присуствуваат и двајца претставници од Судска медицина, единствено, како што рече „со цел да се забрза постапката“.

Јовески, исто така, информираше дека во изгорениот автобус денеска е пронајдено уште едно тело на починат патник, кое што е пренесено во Институтот во Бугарија.

– Се работи за лице на помлада возраст. Во несреќата настрадале 45 патници, а седум се пренесени на лекување во софиската болница, изјави Јовески.

Прашан како четири дена по настанот е пронајдено уште едно тело, Јовески рече дека Обвинителството беше транспарентно во целиот процес и се што е преземено е соопштено на јавноста.

– Апсолутно сум уверен дека нема никаков сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело, затоа што од сликите што ги видовте, автобусот е многу оштетен. При соодветните вештачења во дел од автобусот е пронајдено уште едно тело. Според тоа, ја уверувам јавноста да нема никаков сомнеж во тоа и тоа ми го потврдија и бугарските обвинители и ова е неспорен факт, изјави Јовески.

Во однос на т.н. „осми патник“, Јовески рече дека сето тоа ќе се утврди во текот на истрагата што ја водат бугарските власти.

– Осмиот патник го споменува само еден од повредените патниците, додека документацијата покажува нешто друго. Во болницата на лекување се донесени седум патници, изјави Јовески.