Народниот имот вреден 500.000 евра е ставен на продажба, заради ненавремено сервисирање на долговите на ЈП ,,Комуналец” – Охрид, информираат од ПП Левица и додаваат во писменото соопштение:
На 27.3.2024 година, закажана е продажба, во 10:00 часот во просториите на извршителот Гордана Џутеска од Охрид, преку усно јавно наддавање на недвижен имот на недвижности означени во лист В од имотен лист 88117 за КО Охрид 3 како:
КП бр. 14766 дел 2, на м.в. бул. „Туристичка”, на зграда/друг објект 1, намена на зграда во стопанството, влез 2, кат ПР, број ДП, во површина од 344 м² и
КП. бр. 14766, дел 2, на м.в. бул. „Туристичка”, број на зграда/друг објект 1, намена на зграда преземена во конверзија од стариот ел. систем, помошни простории, влез 1, кат ПР, бр. ПП, во површина од 23 м². Поради недомаќинско и расипничко работење на сите досегашни директори на ова претпријатие, сегашниот директор на ЈП ,,Комуналец” – Охрид, Сашо Најдески, е во состојба да мора да го раскрчмува имотот на јавното претпријатие, со продажба на народен имот во Градскиот пазар – Охрид. Охридскиот локален огранок на Политичката партија Левица, смета дека ова е, навистина, крајно застрашувачки што забрзано се продаваат јавни добра што ги поседува државата, наместо да се вложува во нови инвестиции. Сите значајни капацитети што ги поседува Република Македонија мора да останат државни и истите да служат во корист на државата и народот! Потсетуваме дека Левица досега неколку пати реагираше до јавноста за нефункционалното работење на директорот Најдески, во насока на:
– тешки тендери со битолската ГРИН-ТИМ, додека Охрид се дави во ѓубре;
– работници оставени без плата;
– работници со принудни одмори и
– случајот со депонијата во Буково што неконтролирано гори и го загрозува здравјето на сите охриѓани.