Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска го означи почетокот на изградбата на првиот затворен базен во Тетово, како дел од проектот „Изградба на 14 пливачки базени“.

На настанот на кој присуствуваа и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Хисен Џемаили и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, премиерот Спасовски нагласи дека Владата продолжува да инвестира во развојот на спортската инфраструктура и дополни дека ова е важен проект за младите и за здравиот начин на живот, односно за иднината.

Пред присутните се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, кој истакна дека овие проекти ќе придонесат за развојот на спортот и формирањето на здрави навики, при што во фокусот се децата и младите.

„Овој проект започна со консултација на голем број спортски работници, кои укажаа дека е потребна изградба на ваква спортска инфраструктура, на вакви базени, со цел развој на спортот не само во Скопје, туку и во сите останати општини и градови, а со тоа да ги подигнеме спортските услови и стандарди, наведе директорот Каевски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Каевски информираше дека рокот на изградба на базенот е 18 месеци.