Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма истакна дека опозицијата во Собранието ги кочи и опструира не само кризната енергетска состојба, туку и дневни редови, мисии, ратификации, се обидува секоја постапка, секој можен чин што се случува во Собранието да го одолговлечи, се со цел да добие некакви ситни политички поени.

Таквите кочници не ги прават само на власта, туку директно на граѓаните. Час поскоро треба не само кризната енергетска состојба да се донесе, туку и останатите блокирани закони, кои што се во интерес на граѓаните, а граѓаните чекаат да се донесат, рече Каевски.

Тој додаде дека опозицијата бараше во август Собранието да не работи, а имаше важни закони, како и постапката за избор на уставни судии.

Од опозицијата инсистираа да се продолжи со работа во септември, но сега пак не го почитува договореното на координациите и одново ги развлекува седниците и точките на дневен ред, рече Каевски.

Пратеникот Каевски рече дека на опозицијата и требаше година дена да сфати колку се важни дел од законските решенија за општините како законот за поврзување на локални патишта.

Тој период поголем дел од градоначалниците беа од СДСМ, и од опозицијата го блокираа законот, а по локалните избори кога дојдоа повеќе градоначалници на ВМРО – ДПМНЕ им текна да влезе тој закон во собраниска процедура и да се донесе, истакна Каевски, додавајќи дека тоа е тој апсурд, ширење дефетизам, ширење на лажни вести, глумење на загриженост од страна опозицијата.

Каевски истакна дека претседателот на комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски не ја свикува седницата за ратификација на законите од иницијативата Отворен Балкан, други закони се закочени во комисијата за наука, образование и спорт, а опозиционите пратеници имаат процедурални „беседи“.

Сите пратеници од позицијата апелираме дека ваквото неодоговорно однесување, кочници опструкции, кои подолг временски период ги прави опозицијата не само во Собранието туку генерално на политичката сцена не е добро за граѓаните и час поскоро треба да се свестат, граѓаните тоа го гледаат и го ценат, порача пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.