СДСМ е предвесник на 50/50 и на претстојните парламентарни избори на изборните листи ќе има еднакво жени и мажи, рече Снежана Калеска Ванчева, пратеничка во Собранието на Република Македонија и координаторка на Форумот на жени на СДСМ.

Калеска Ванчева истакна дека овој успех е резултат на досегашните макотрпни напори и други успеси од претходните години.

Почнавме со 5 – 6 жени во Парламентот и сфативме дека мораме да се избориме за квота. Ако немаме квота ќе чекаме со години, тоа го знаевме. Ние бевме предводници на таа промена и дојдовме до 30 проценти и на свои плеќи оваа заложба ја носеа жените на СДСМ. Потоа дојдовме до квота 40 отсто. Поради сите тие успеси кои макотрпно ги обезбедивме, дојдовме до ситуација да сме предвесници на 50-50” и тоа го поддржа и го најави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, рече Калевска Ванчева.

Калевска Ванчева се осврна и на периодот кога СДСМ беше во опозиција кога повеќе права на жените им беа одземени, некои преку закони, преку кампањи против жените, некои суптилно.

“Горда сум што тој период и во тие тешки времиња успеавме да станеме цврсто на нозе, обединети и да зборуваме гласно за се што не е добро и се што сакаме да направиме. Никогаш не се откажавме”.

Снежана Калеска зборувајќи за работата на Собранието за правата на жените го спомна крвавиот четврток кога жените пратенички биле први кои седнале на заедничка маса да го надминат проблемот.

После крвавиот 27 април, жените беа тие кои без разлика од која партија доаѓаат бевме тие кои седнавме на маса, испивме кафе и сфативме дека ние сите заедно требаме да работиме за ова општество, за граѓаните. Тоа мажите пратеници го видоа и почнаа и тие тоа да го прават, полека да ја надминуваме ситуацијата и да продолжиме сите заедно да работиме за интересот на граѓаните”, рече Калеска Ванчева.