Пратеникот Кастриот Реџепи на својот Фејсбук профил објави дека одлучил да покрене неформална политичка иницијатива во Собранието „ЕВРОПА 21“.

Соодветно на моите последни политички одлуки и активности, сакам да информирам дека одлучив да покренам неформална политичка иницијатива во Собранието на Република Северна Македонија „ЕВРОПА 21“ за обединување на прогресивните сили во насока на задржување на евроатланската перспектива на земјава, особено во пресрет на претстојните самити на Европската Унија, пишува Реџепи.

Вели дека веќе го остварил првиот чекор, и после вчерашната средба со премиерот Заев, на негова иницијатива денес имал продуктивна средба со Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од каде како што информира одблиску се запознал со сите процеси од надворешната политика поврзани со европските интеграции на земјава.

„Како што очекував, добив силна потврда за големиот број активности кои се преземаат и од наша стана, но и од нашите меѓународни пријатели за да се одблокира овој процес, активности во кои целосно верувам и поради тоа ќе го вложам целиот мој политички капацитет“, напишал Реџепи.

„Сакам да ги повикам сите прогресивни сили, особено апелирам меѓу пратениците во парламентот кои знам дека го делат овој политички став но во моментов се блокирани од своите политички групации, да ми се придружат и да се обединиме за да може нашиот политички став да добие ефективна реализација“, потенцира Реџепи во објавата на социјалните мрежи.