Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов при денешната посета на градежните активности во кривопаланечко ги претстави и активностите за реконструкција на патот од Крива Паланка до граничниот премин Девер Баир, што стартуваа пред три месеци, потенцирајќи дека бил изненаден од написите на оние, како што рече, кои во изминатите 15-тина години еден километар асфалт немаат ставено во овој регион на овој патен правец, а кои тврдат дека овде ништо не се работи.

Китанов рече дека изведувачот на работите АД„ Гранит“ има рокови и динамика на градба, а крајниот рок за изведување на рехабилитацијата е 24 месеци.

-По дента кога почнааа активностите на овој патен правец, паѓаше снег, имаше неповолни временски услови и ниски температури, а ова се сериозни градби и мора да се има предвид дека во минатото и не било водено грижа околу давањето дозволи, па на истиот потег на патнито правец има и еден специјален довод за хидроцентрала, кој се поклопува со трасата за што мораше дополнително да се прави исправка и да се наоѓа решение. Во изминатите 2 години и 7 месеци направивме многу отколку оние кои критикуваат за 12 години. Сите работи се работат како што треба и како никогаш досега овој регион и овој град ќе добијат квалитетни, реконструирани и рехабилитирани патишта и изградени нови патни правци, дополни Китанов.

Реконструкцијата и проширувањето на патот Крива Паланка – Деве Баир, делница со должина од 13 километри, е проект вреден 12,4 милиони евра, а предвидува изградба на трета коловозна лента долж целата траса, изведба на четири нови моста и реконструкција на постојниот коловоз.

Европската банка за обнова и развој го финансира проектот со кредитно задолжување од 10 милиони евра, додека ЕУ обезбеди неповратен грант од 2,4 милиони евра преку Инвестициската програма за Западен Балкан.