Основното јавно обвинителство Куманово поднесе Обвинителен предлог против тројца кумановци кои го осквернавиле гробот на на 17-годишната Јелена Филиповиќ, која загина во сообраќајна несреќа во 2020 година. Тројцата се товарат дека како соизвршители се обиделе да извршат кривично дело- Тешка кражба од член 236 став 1 точка1 во врска со член 19 и член 22 од Кривичниот законик.

Како што претходно информираше МВР, осомничениот Д.Б. на 11 октомври годинава, заедно со Р. С. (30) и Б.Н. (32) двајцата од Куманово, кои биле пуштени на викенд од казнено-поправна установа Идризово, извршиле сквернавење на гробот.

-Со помош на рачен алат, лопати и ашов ја тргнале мермерната плоча со која бил покриен еден од гробовите, по што започнале да ја ископуваат земјата и дошле до ковчегот во кој се наоѓало телото на покојната Јелена Филиповиќ. Го отвориле ковчегот и започнале да вршат пребарување на телото со цел да пронајдат златен накит, бидејќи имале сознанија дека покојната наводно е закопана со злато на себе. При пребарувањето не успеале да пронајдат ништо, поради што делото не го довршиле, велат од ОЈО.

Мајката на Јелена по обелоденување на случајот рече дека приказната дека гробот е отворен за да се украде златно ланче е фарса, и дека е само заплашување пред судењето во кое ќе се расветлува случајот за смртта на младата Јелена.

Сообраќајката предизвика многу внимание откако нејзините родители првично обвинуваа дека станува збор за убиство, а особено по веста за осквернавување на нејзиниот гроб.

Пред два месеци Никола Стефановски (21) беше осуден на 7,5 години затвор за сообраќајкта во која загина Јелена, бидејќи возел со брзина поголема од дозволената и под дејство на алкохол и наркотици. .

Трагичната сообраќајка се случила на 14.01.2020 во 01.30 часот на крстосницата од ул.„2“ и ул.„10“ во село Миладиновци и локален пат за село Бујковци, кај железничката пруга, кога автомобилот „цитроен ц5“, управуван од Стефановски, излетал од коловозот. На местото на незгодата починала Јелена, а тешко биле повредени Стефановски и сопатничката Тамара П., по што биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Семејството обвинуваше и тврдеше дека при увидот по сообраќајната несреќа се направени повеќе грешки и сметаа дека нивната ќерка била убиена откако со тешки повреди ја преживеала сообраќајната несреќа. Обвинителството немаше такви докази и поднесе обвинение против возачот.

Претходно во април, мајката на загинатата девојка пријавила во полиција дека била следена од сведок на трагичната сообраќајна несреќа во која настрадала Јелена.

Во меѓувреме, обвинение беше поднесено и за таткото на Јелена, Драган Филиповиќ (57),кој барал од двајца кумановци кои му должеле пари да го убијат возачот и сопатничката од автомобилот во кој настрада малолетничката.