Според објавената статистика на Министерството за здравство за бројот на новозаразени од Ковид-19, Велес е на врвот на денешната листа со 9 новозаразени, додека во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 5. Бидејќи бројките во последните 3 дена покажуваат континуиран раст на бројот на новозаболени за дури 25%, во јавноста се наметна прашањето дали Велес станува ново жариште на коронавирусот, по што на на денешната прес-конференција на градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, стигнаа смирувачки тонови:
“Стојам зад тоа што го кажав и тоа што го кажа министерот за здравство Венко Филипче. Жариштето е лоцирано и се знае каде се шири вирусот. Вирусот се шири во кругот на роднините и соседите на заболени лица, така што нема место за голема вознемиреност и за паника” – истакна Коцевски.
Коцевски воедно додаде дека Велес е еден од градовите со најмногу заболени од Ковид-19, а во градот се регистрирани 93 заразени, додека на територијата на општината Чашка се регистрирани 2 лица позитивни на коронавирус. Регистрирани се вкупно 4 смртни случаи.
Коцевски потврди дека надлежните институции на територијата на град Велес известиле дека располагаат со доволна количина на заштитна опрема.