Тројцата директори на М-НАВ се меѓу најплатените државни менаџери каде нивната месечна бруто плата достигнала и до 6.100 евра во 2022 година, пишува Сител.

Биографија на сајтот на М-НАВ може да се најде само за досегашниот претседател на Управниот одбор.

„Г-дин Хамиди има огромно искуство од 25 години во воздухопловството заземајќи проминентни работни позиции, како оперативни така и менаџерски. Г-динот Хамиди е истакнат експерт во воздухопловната индустрија со акцент во полето на системот за безбедност“, стои меѓудругото.

Не се ниски ниту платите на останатите вработени, па затоа М-НАВ важи за најпосакувана државна компанија за вработување.

Извештајот за третото тримесечје од 2023 покажува дека М-НАВ реализирале приход од 496 милиони денари. Речиси половина од парите заминале за плати – над 226 милиони. Остатокот бил потрошен за дневници за службено патување и патни трошоци, поштенски и телефонски услуги и интернет, потрошена енергија.

Статистиката зборува дека вработени биле 304 лица, а тоа значи дека за нив следува 4.300 евра бруто плата месечно.

За само три месеци пак одвоени се над 880 илјади денари за физичко обезбедување.

Според извештајот, М-НАВ има две сметки во една банка. Една денарска од речиси 2 милиони денари и девизна од над 8 милиони евра.

М-НАВ е непрофитабилно трговско друштво кое не се финансира од буџетот на Република Македонија туку од средства кои ги добива од Еуроконтрол – суверено тело кое го менаџира европското небо.