Се повеќе компании и граѓани од Крива Паланка се одзваа на апелот на Љупчо Николовски, да се помогне на семејството од с.Луке чија куќа викендот изгоре до темел.

Дознаваме дека општествено одговорни компании и граѓани собираат помош во вид на облека, покуќнина како и градежни материјали за да се изгради нова куќа на ова семејство кое остана без кров над главата.

“Семејството нема да го оставиме. Сите заедно ќе донираме за нов дом” – појасни Николовски.

Станува збор за четиричлено семејство со две малолетни деца, чија покуќнина, мебел и лични работи ги однесе огнената стихија.

Со помош во расчистување на самата локација се вклучија општина Крива Паланка и ЈП Комуналец, хуманитарна помош пристигна и од ОО на Црвен Крст и ОО на СДСМ, а семејството привремено е сместено во просториите на ООУ “Јоаким Крчоски” во селото.

Организирана помош е најавена и од вработените во рудникот Тораница (Булмак 2016) како и од здружението на воени инвалиди БРАНИТЕЛ 2001.