Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, во вечерашното гостување во дебатната емисија “ТОП ТЕМА”  на Телма телевизија, запрашан за коментар во врска со „петардите” објавени од поранешниот пратеник Антонио Милошоски со заклучок:

“Се знае и се гледа разликата во она што го пушти поранешниот колега Антонио Милошоски и таканаречените бомби кои што ги објавуваше претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Самите говори внатре, тоа што го пушти Антонио Милошоски, донекаде е монтирано бидејќи не е пуштен цел разговор. Зошто е тоа така јас не знам.

И во Собрание кога кажуваше дека има материјали кои сериозно го компромитираат претседателот Зоран Заев  јас се јавив да му реплицирам на колегата Антонио и го повикав тие материјали да ги поднесе во Обвинителството  кое не е истото какво што било 11 години дури ВМРО беше на власт.

Она што го слушнавме на ниту еден начин не може да ја компромитира ниту партијата, а уште помалку претседателот Зоран Заев.

Од тоа што можевме да го слушнеме – да се држиме на содржината независно дали има интервенција во снимката, апсолутно нема ниту еден момент за компромитација. Слушнавме дека е нужно да се донесе закон за Јавно обвинителство за да се обезбеди континуитет на предметите на СЈО кои што Врховниот суд, во тоа време на чело со претседателот Јово Вангелоски, ги криеше во фиока. Јавноста беше сведок дека 26 000 граѓани беа директно прислушувани, а во тие разговори имавме можност да слушнеме за правосудството, како се нарачуваат обвиненија, притвори за луѓе, лустрација за човек  што некому не му бил симпатичен, што претставуваат  сериозни повреди на човековите права”, вели Костадинов.