Директорот на Градската општа болница “8 Септември”, Христијан Костов, во емисијата “Топ тема” на Телма телевизија ја објасни реорганизацијата на болницата со оглед на фактот дека согласно одредба на Министерството за здравство и Владата, болницата “8 Септември” е ставена на располагање на сите пациенти кои ќе бидат позитивни на коронавирус.
“Согласнo таа одредба направен e акционен плaн каде сите ресурси на болницата се ставени во корист на тие пациенти. Внатре е направена реорганизација на сите простории, на целиот медицински персонал, на целата опрема, лекарствата и целиот потрошен материјал. Одредбата е официјална од 22 март, меѓутоа ние и порано, уште од почетокот, примавме пациенти кои се суспектни на коронавирусот. Од почетокот на оваа ситуација, па до денес во нашата болница биле хоспитализирани и докажани вкупно 28 пациенти болни од Ковид-19, од нив се починати тројца кои биле на респиратор на Одделот за интензивна нега. Денес имаме прва добра вест, девојка со 26 години има 2 негативни теста и денес е пуштена на домашно лекување” – извести Костов.
Во однос на капацитетите, медицинскиот персонал и опремата, Костов со позитивна оценка за ресурсите со кои располага болницата.
“Во последните 2 години беше набавена дел нова опрема, нови респиратори и кревети. Сега за сега, немаме потреба од поголем број респиратори, но сме во добра корелација со Министерството за здравство и доколку се јави потреба веднаш би се донеле нови респиратори.
Ние во последните две години имаме голем број на вработувања на средномедицински персонал, над 100 медицински сестри и болничари. Имајќи предвид дека имаме три интензивни неги, сите вработени воглавно се распределени во неколку групи согласно протоколите, односно доаѓаат во смени и сите медицински лица постапуваат според протоколите. Точно се знае кој од медицинскиот персонал во кој дел и каква опрема носи. Добро сме снабдени со заштитна опрема, набавуваме преку тендерска процедура, а дел добиваме од Министерството за здравство и сакам да изразам благодарност на приватни фирми и поединци кои ни донираат таква опрема” – додаде Костов.
Запашан каков е билансот на заболен медицински персонал од Ковид-19, Костов со одговор:
“Една медицинска сестра и еден болничар од Одделот за инфективни болести се позитивни на тест за коронавирус од пред 3 недели и тие се на домашно лекување, без изразена клиничка слика. Не е познато каде заболеле” – одговори Костов.