– Ја информиравме Европската народна партија за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и ќе побараме да се иницира процедура за исклучување на таа партија од ЕНП, изјавил за БНТ европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев.

„Мислам дека тие на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес, партијата на Орбан. Тоа си е нивна желба и тие многу се оддалечуваат од вредностите на ЕНП и европската демократија“, оценил Ковачев.

Коментирајќи ги изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски за отсуството на македонско знаме на средбата Радев-Сиљановска, бугарскиот европратеник изразил увереност дека зборовите на Николоски биле координирани со Мицкоски.

„Се покажува јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Си бараат некаков изговор пред нивната јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со оцрнување на Бугарија“, оценил европратеникот.

Според него, Бугарија не дала повод за таква провокација, напротив се однесувала „исклучително цивилизирано и европски”.