Денеска во Охрид, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски се сретна со млади советници во Советите на Општините од редовите на СДСМ.

Претседателот Ковачевски на младите советници им порача дека нивната работа е важна за развојот на општините и за интересите на нивните сограѓани и дека како млади советници имаат обврска да работат посветено и одговорно и да бидат конструктивни учесници во носење на решенијата.

„Вие ги претставувате сите граѓани и така мора да работите. Мора да се посветите на решенија на главните проблеми на целата општина и за сите граѓани. Нема ваши и наши, особено не во локалната самоуправа. Кои се клучните проблеми знаете и вие, таму живеете. Борете се да се менуваат работите на подобро и да ги решавате токму оние нешта кои се очекуваат од вас. Покажете разлика. Бидете достапни и отворени. Нема ништо поважно од вашата присутност, достапност и покажана грижа. Ова ги разликува добрите од лошите политичари. Секој од вас, особено како млад човек, мора да покаже почит кон секој граѓанин на вашата општина, да излезе во пресрет и да комуницира што е можно повеќе секој ден. Организирајте средби постојано, излегувајте на терен, бележете ги проблемите, слушнете ги луѓето и потоа – силно борете се во советот да се решат проблемите.“ истакна Ковачевски додавајќи дека младите советници да вклучуваат што е можно повеќе нивни врсници, со цел кај младите да се врати довербата во политиката.

Претседателот Ковачевски посочи дека од секој оној кој има каква било функција, вклучително и од советниците, бара три работи: Ефикасност и спроведување на ветеното без оправдувања; чесно работење и достапност и комуникација со граѓаните.

„Ништо освен нула корупција нема да прифатам. Сега и тука ви кажувам дека корупцијата, клиентелизмот, ситните лични интереси се злото во политиката. Тие се најбрз пат до пропаст на вас како личности, идни политичари или било што, што во иднина треба да станете. Стојте настрана од тоа. Наградите во политиката може да бидат многу поголеми – тоа е задоволството дека е направено добро дело, дека е решен проблем, дека е зачувана животната средина, дека е изграден нов пат, дека млади луѓе се вработиле. Грижете се за вашиот личен углед, а со тоа и за угледот на партијата. Вашиот личен углед е вашиот најголем капитал во политиката. Заштитете го со чесна работа, приземност, почит кон сите, цврстина во ставовите и силна желба за помош и поддршка на граѓаните преку работата во советите. Не помалку важно е да сфатите дека вашиот углед е всушност угледот на СДСМ“ – истакна претседателот Ковачевски.

Тој посочи дека не е доволно само да се критикува туку потребно е да се нудат контруктивни решенија.

„Понудете решенија, не само гола критика. Голата критика без понудено решение на проблемот создава фрустрација кај граѓаните и не ви носи ништо добро. Само вака може да се гради добар однос и доверба на локално ниво. Очекувам многу сериозна работа и реализација на програмата пред сè.“ порача претседателот Ковачевски.