Новоизбраниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој сè уште е и заменик министер за финансии ја сподели својата биографија, откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека тој на Харвард завршил само курс. Ковачевски напиша дека за време на кампањата на внатрепартиските избори воопшто не зборувал за образованието и професионалните усовршувања.

Имено, биографијата на Ковачевски и претходно беше достапна на страната на Министерството за финансии и можете да ја видите на следниот линк.

„Денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое намерно се изнесуваат невистини, ме принудува да го споделам моето резиме, а со тоа и вистината за образованието и вештините кои ги имам стекнато во животот. Тие се транспарентно објавени на повеќе места на интернет, вклучително и на сајтот на Министерството за финансии. Како што пишува, имам стручно усовршување на Харвард, а такви усовршувања имам уште на три други универзитети во Ротердам, Барселона и Минхен. Точно стои каде сум дипломирал, магистрирал и докторирал, напиша Ковачевски на Фејсбук, притоа споделувајќи го линкот од Министерството за финансии.