„Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5 отсто, на 5 отсто просечен раст“ кажа мандатарот на новата влада, Димитар Ковачевски во неговото експозе пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

Тој додаде дека тоа ќе се постигне преку зголемување на домашните и странските инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и во значајно зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции.

„Одржувањето на животниот стандард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми. За таа цел, една од првите мерки на новата Влада ќе биде поддршка на пензионерите, преку посебно зголемување на пензиите. Остануваме посветени и на подобрување на понатамошниот модел за редовно усогласување на пензиите“ кажа Ковачевски.

Тој додаде дека освен тоа, Владата ќе го поддржи и растот на вкупната активност на бизнис секторот преку воведување на нови начини за финансирање и пристап до капитал. Како што најави Ковачевски, се очекува невработеноста во 2024 година да достигне 11,4 отсто, а за прв пат да влезе во едноцифрена зона од 8,6 отсто до крајот на 2026 година.

„Политиките на Владата се фокусираат и на намалување на младинската невработеност која што во време на Владата на СДСМ и коалицијата е веќе преполовена. Во фокус е поголемо вклучување на младите во процесите на одлучување како и реализација на поддршка за личен развој и едукација“ кажа Ковачевски.