Важна ни е вашата поддршка околу процесот за почеток на преговори со ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро, само на тој начин во државата ќе се врати довербата во ЕУ која во овој период е разнишана, му порача денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп.
Ковачевски денеска заедно со секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ се сретна со амбасадор Јан Коп, соопшти СДСМ.
Лидерот на СДСМ, кој го доби и мандатот за состав на нова Влада, нагласи дека нашата стратешка цел е членство во ЕУ и за тоа нема алтернатива.
На средбата се разговарало за повеќе актуелни теми, при што фокус беше ставен на реформите и евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија.
Ковачевски се заблагодари за поддршката што Холандија ја дава во важните реформски процеси и за нејзините напори за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
-Од Холандија како и од останатите членки на ЕУ и наши партнери очекуваме силна и видлива поддршка за реформите во нашата држава. Во таа насока очекувам отворен пристап и постојан дијалог, што значи укажување од ваша страна во процесот на спроведување на реформите и ваши препораки, истакна Ковачевски.
Во однос на актуелните политички случувања Ковачевски посочи дека новата Влада предводена од СДСМ ќе се посвети економските политики, на справување со корупцијата, дигитализација и ефикасност на институциите.
Амбасадорот Јан Коп посочи дека Холандија и во иднина ќе продолжи да биде силен поддржувач на Република Северна Македонија, ќе продолжи да биде вклучена во процесот на реформи и евроинтегративниот процес, со цел државата што поскоро започне преговори со ЕУ.