„Немаме ценовен шок затоа што обезбедивме електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Ако зборуваме за генезата на проблемот со струјата, пред се имаме светска енергетска и финансиска криза, енергенсите се за неколку пати поскапи, гасот е за пет пати поскап. Имаме помалку ветрови на Северното море, има дисбаланс помеѓу побарувачката и понудата предизвикано од пандемијата. Имаме и до пет пати зголемено побарување на електрична енергија.“- објасни премиерот Димитар Ковачевски, во интервјуто за МТВ.

Дополни дека следува период на сериозни инвестиции во енергетиката, сектор во кој три децении воопшто не е инвестирано.

„30 години имаме проблем со неизграден енергетски капацитет, имаме само неколку ветерници и „Света Петка“, но тоа е многу малку. Сите значајни капацитети се изградени во време на Југославија. Ние имаме на хартија капацитет, но амортизацијата на енергетските капацитети, недомаќинското раководење, староста од пет децении, не можат да дадат капацитет на електрична енергија колку што е предвидено со нив. Сега очекуваме старт на фотоволтаична централа, потоа инвеститор од Франција ќе вложи во соларна централа, германска компанија веќе има потпишано договор за ветерен парк и тоа ќе ја подобри енергетската криза. Исто така, многумина го ветуваа Чебрен, но јас ќе бидам премиер кој ќе влезе во втората фаза за овој капацитет.“- изјави Ковачевски.