На прашањето за справувањето со здравствената криза, односно пикот на пандемијата, Премиерот Ковачевски во интервју за Националниот радиодифузен сервис истакна дека постојано е во контакт со министерот за здравство Беким Сали и дека постојано заседава Комисијата за заразни болести.

„Овој нов бран коронавирус којшто е сега мешавина на делта сојот и на омикрон, потврди уште еднаш дека е потребно повисоко ниво на вакцинација и повисоко ниво на придржување кон мерките за заштита, за дистанцирање. Јас никогаш не сум сакал да бидам советник и да делам совети на нашите граѓани, меѓутоа сите светски анализи покажуваат дека таму каде што нивото на вакцинација е повисоко, стапката на заразување е помала, но дури и кога стапката на заразување е поголема, смртноста е помала“, истакна премиерот.

Подвлекувајќи дека никако не е приврзаник на мерки на присила, туку на мерки на советување, учење, прифаќање врз основа на факти, тој додаде дека граѓаните треба да ја прифатат одговорноста за вакцинирање не само поради нив самите, туку и поради луѓето околу нив и целото општество.

„Ова е решение и одговорност на граѓаните и кон индустријата, и трговијата. Бидејќи со поголем број на заболени, невакцинирани, ние имаме и помалку работници во индустријата, трговијата, и тогаш трпи и економијата. Здравствениот систем ни е подготвен да се справи, имаме доволен број на болнички кревети и капацитети“, подвлече премиерот.