Премиерот Димитар Ковачевски, на маргините од Самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржува во Брисел, одржа прес-конференција.

Изјавата на премиерот Ковачевски ви ја пренесуваме во целост:

„Самитот на ЕУ-Западен Балкан беше одлична можност на највисоко ниво да говориме за заедничката европска иднина на земјите од Западен Балкан односно нашата цврста решеност и визија дека Европската Унија како и досега останува најголем и најсигурен партнер на Северна Македонија и на регионот.

И овде во Брисел потенцирав дека местото на Северна Македонија е во ЕУ и од тој процес не отстапуваме. Како Влада работиме напорно да ја оствариме нашата стратешка цел членство во ЕУ до 2030 година. Да обезбедиме подобар, достоинствен живот дома со повисоки плати и пензии, повеќе пари за граѓаните, повеќе работни места, подобар животен стандард, подобро образование, здравство, подобро функционирање на сите демократски и правни процеси. Да обезбедиме европски стандард и европски вредности дома во Северна Македонија.

Ние политичарите имаме понекогаш тешка задача, но граѓаните ни ја даваат довербата затоа што ни веруваат дека ќе ги извадиме на вистинскиот пат, на патот на просперитетна иднина, подобар живот и квалитетен живот, безбедна земја и економски стабилна.

Овој Самит е одлична можност земјите од регионот да продолжиме со успешна соработка за надминување на заедничките предизвиците и само со цврсти меѓусебни врски помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија можеме да учествуваме како едно, исклучиво во интерес на граѓаните и перспективите на државите од регионот.

Вчера ги информирав колегите од земјите-членки на ЕУ и лидерите на институциите за статусот на евро-интеграциите на Северна Македонија и за успешно завршениот процес на скрининг, им благодарам за конкретните примери на соработка и партнерство меѓу ЕУ и нашата земја во исклучително тешка година полна предизвици предизвикани од енергетската и економската криза, како последица на воената агресија на Русија врз Украина.

Исто така од страна на Европската Унија, на претставниците на Европската комисија, на претседателката беше искажано задоволство од високото ниво на професионализам и подготвеност на сите наши членови на делегациите кои што учествуваа со своите 850 презентации на над 100 состаноци на скрининг процесот во текот на изминатата година и половина, тука во Брисел.

Како никогаш досега постои подготвеност за проширување на ЕУ, тоа од секогаш имало геополитички аспект, ако ги погледнете сите проширувања во минатото тие биле проследени со геополитички моменти и аспекти кога се склучувале. Но, во овие моменти суштински е да се зајакне и европската безбедност и стабилност дополнително. Тој процес на пристапување може да биде забрзан но тоа ќе биде засновано на заслугите на секоја земја поединечно и подготвеноста да ги носи одлуките кои треба да се донесат.

Со 100% усогласување на надворешната и безбедносната политика со ЕУ, засилената заложба за спроведување на реформите како и меѓународната поддршка која секојдневно ја добиваме не смееме да се откажеме од европската перспектива на Северна Македонија.

Вчера имав повеќе средби меѓу кои и со домаќинот, Шарл Мишел, со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, Роберта Мецола, како и со лидерите на земјите членки на ЕУ и лидерите на земјите од Западен Балкан, каде што разговаравме за соработката но и за заедничката подготвеност да одговориме на сите предизвици.

И за крај, морам да напоменам дека оваа работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку. Можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ЛЕВИЦА.

Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство и можеа уште еднаш нашите граѓани да се уверат како изгледаше 2008 година. Тогаш беше во Букурешт, вчера и денес беше во Брисел.

Свежи ни се сеќавањата на 11-те години владеење со лажен патриотизам, квазинационализам и популизам, што доведе до целосно заробена држава.

Нека им служи на чест на овие партии и политичари, а на граѓаните да им служи на ум и сами да проценат кој за каква иднина за граѓаните и државата се бори.

Но и покрај сето ова во Брисел за нашата држава имаше позитивни дискусии и натамошна поддршка од европските лидери за трасираниот пат на Северна Македонија кон Унијата. Тоа е многу јасно наведено и во заклучоците на ЕУ каде многу јасно е наведено дека Северна Македонија штом го исполни својот услов за спроведување на амандманите во уставот, веднаш ќе биде одржана втората меѓувладина конференција.

Затоа што нашата единствена алтернатива е ЕУ, ние од европскиот пат нема да се откажеме и отстапиме.