Во однос на сегашната реализација на Буџетот, во делот на приходите од ДДВ, до денеска имаме натфрлање на планот за 26,7 проценти во однос на истиот период лани. Тоа ми дава за право да кажам дека приходите во 2021 година ќе бидат остварени на ниво од 100 проценти, рече заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Како што истакна Ковачевски осврнувајќи се на буџетските проекции, во 2022 година економскит раст е предвиден на 4,6 отсто во услови на зголемување на инвестициите, солиден раст на потрошувачката и стабилизирање на надворешната побарувачка.

-Предвидено е ниво на покачување на бруто инвестициите од 8,5 отсто и тие ќе бидат значаен фактор на растот во 2022 година. Инвестиците се планира да бидат потикнати и преку државна поддршка за унапредување на приватниот сектор, како и за зајакнување на конкурентноста и иновативноста преку воведување нови инструменти за финансирање, нагласи заменик-министерот и додаде дека проектираниот раст на приватната потрошувачка е 3,5 проценти.

Ковачевски напомена дека сепак, секое макроекономско сценарио е пропратено со одредени ризици во однос на долготрајноста на здравствената криза и во однос на тоа како секоа земја ќе се справува со неа.

Тој во дискусијата се осврна и на приходите во буџетот, на растот на платите и на растот на вработеноста кои, како што рече, беа евидентирани и годинава.

Комисијата петти ден води општа расправа по Предлог-буџетот за 2022 година, а седницата почна со едноминутно молчење за загинатите во автобуската несреќа во Бугарија. Во тек е редовната едночасовна пауза.