„СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и да создава и поддржува нови кадри. Да се потпира и вклучува луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократките вредности“ кажа претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на прес-конференцијата по вчерашната седница на Централниот одбор на партијата.

Тој најави дека партијата во периодот кој следува ќе се менува и унапредува во секој сегмент од своето работење и делување со воспоставување на ефикасен систем кој ќе им служи на сите граѓани и ќе биде инклузивен за целото членство и секој кој сака да помогне и поддржи напредок на земјата.

„Најавувам активирање на централниот систем на комисии на СДСМ. Тие претставуваат сериозен механизам за отварање на партијата кон многу професионалци од различни области и сегменти на општеството и за нивно стручно ангажирање“ кажа Ковачевски.

Како што кажа новиот претседател на СДСМ, партијата ќе биде главен креатор на квалитетни политики и поддршка на институциите. Секое нејзино тело од месните одбори па се до највисоките органи ќе има своја јасна улога и продонес во спроведувањето на политиките.