СДСМ е партија која што е меѓу првите која го поддржа предлогот за една изборна единица и го има дури во својата програма, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за Националната радиотелевизија.

За промената на изборниот модел, додаде тој, треба да се разговара со сите политички партии, без при тоа решението да се врзува со некакви кратки рокови.

„Предлогот кој во моментов е поднесен од помалите партии, е предлог за кој ќе се разговара. Јас сметам дека промената на изборното законодавство не треба да се носи на краток рок туку треба да се носи низ еден широк и инклузивен процес во кој ќе учествуваат сите политички партии затоа што измените на Изборниот законик се носат со консензус и така треба да биде и сега. Потребен е еден процес на широки консултации каде што ќе биде вклучен и ОБСЕ и ОДИХР со нивните забелешки меѓутоа и експерти кои ќе можат да ги предвидат, односно ќе дадат придонес во предвидување на резултатите кои би ги добиле во однос на составот на собранието со еден таков изброен модел.

Пред локалните избори имаше еден обид или намера за воведување на отворени листи, јас лично го погледнав тој предлог и сметав дека е тој неприменлив бидејќи беше набрзина направен меѓутоа на крајот и самите политички партии сфатија дека повеќе ќе внесе забуна во самото гласање отколку што ќе донесе некаков дополнителен квалитет. Затоа велам да, треба да се разговара, треба да се стави на маса, но тоа треба да биде процес на работа низ работни групи кои ќе дојдат до најдобриот модел на една изборна единица за избори кои би се одржале 2024 година.“ заклучи претседателот Ковачевски.