Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања рече дека е во очекување на разговорот на претседателот Стево Пендаровски со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу за промените на законот за личните документи.

„Претседателот Пендаровски кога ќе има разговор со грчката претседателка, ќе не информира и потоа ќе може да постапуваме“ рече Ковачевски за законските измени во однос на личните документи.

Пендаровски во интервју рече дека потребни се измени на два закони, за пролонгирање на рокот за промена на личните документи и наместо февруари, рокот да биде септекври-октомври, но и тој кажа дека прво мора да се разговара со Грција.

Премиерот Ковачевски кажа дека е отворен за предлози и рече дека очекува исход од разговорот на Пендаровски со грчката претседателка.

„Сите предлози за мене се добри. Претседателот може да се сретне со претседателката на Грција, бидејќи сепак и тоа е нивото на кое може да се разговара. Ќе разговараме на седница на влада во однос на можноста ова да се направи. Претседателот Пендаровски најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на Преспанскиот договор, а при зачленувањето во НАТО беше координатор за НАТО и поради тоа има повеќе детали како би можело тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција. Зошто да не“ рече Ковачевски вчера.