Според досегашните потези на ВМРО-ДПМНЕ, не гледам промена кај нив, вели во интервју за МИА, претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски.

„ВМРО-ДПМНЕ веќе не е опозиција како што беше пред локалните избори. Тие моментално управуваат со половина од општините во државата. Одминуваат 100 дена од нивното владеење и може лесно да се види дека се што ветија во кампањата, излажаа. Ветија дека нема да има одмазда а почнаа со отпуштања и деградирања уште од првиот ден. Се спроведува масовна партизација на секое ниво како единствен проект на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Ветуваа низа проекти уште во првите денови а од тоа нема буквално ништо. Градот Скопје е разочарување какво што не се памети во политичката историја на земјата. Блокирано и стопирано е се што е во интерес на граѓаните и започнато од претходната власт. Очигледно е дека кај ВМРО-ДПМНЕ не само што нема никакви промени, туку би рекол дека има сериозно назадувања по одредени прашања и политики.“ вели Ковачевски.

Претседателот Ковачевски додава дека СДСМ ја следи работата на градоначлниците од ВМРО-ДПМНЕ и реагира за да се корегираат штетните одлуки.

„Реагираме и во јавноста и преку нашите советници за да се корегираат овие штетни одлуки, СДСМ ќе направи сe’ во интерес на граѓаните и општините“ додава претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА.