Демократската унија за интеграција реагира по кривичната пријава што МВР ја поднесе против ексминистерот за економија, Крешниик Бектеши.
Од тука велат дека го осудуваат политички мотивираниот лов на вештерки, кој е насочен кон Бектеши, но и кон нивната партија.
„Неоснованите обвинувања за попречување на правдата против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани, кои имаат цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници. Во текот на минатиот месец се соочивме со многубројни закани за животите на нашите пратеници и партиски функционери, покрај дневните лажни клевети. Овие дејства се јасен обид на Владата да го одвлече вниманието на јавноста од своите катастрофални неуспеси и да го заплаши албанскиот граѓанин, кој со право е огорчен од брзото влошување на неговата позиција од формирањето на оваа Влада“, велат од ДУИ.
Како што се додава, ова е отворен обид за политичка одмазда кон партијата што го институционализирала достоинството на албанскиот народ во оваа земја и да го замолкне гласот на албанскиот народ со враќање на заробената држава.
ДУИ ги повикува меѓународната заедница, медиумите и граѓанското општество да ги следат одблизу овие настани и да ја држат Владата одговорна за нејзините дејства.