Во вечерашното издание на “Топ тема” на телевизија Телма во живо беше вклучен градоначалникот на општината Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев, кој извести за својата моментална состојба, откако минатата недела јавно објави дека е заболен од Ковид-19.

“Додека не разбравме дека берберот е позитивен, јас редовно одев на работа и си ги извршував обврските. Откако разбрав, со сопругата се повлековме во самоизолација и направив прв тест кој беше негативен, а по два дена и втор тест кој излезе позитивен. Оттогаш со сопругата сме во самоизолација. Моите деца пред три дена се тестираа и нивните тестови се негативни. Немаме никакви проблеми досега и среќен сум што и моите вработени на коишто им дадов налог да останат дома 14 дена немаат никакви симптоми, ниту проблеми сега за сега” – изјави Крстев.

Инаку, Горанчо Крстев засега е единствениот политичар кој јавно обзнани дека е позитивен на коронавирус и во вечерашното вклучување го сподели своето искуство со реакциите на средината по објавувањето дека е заболен од Ковид-19.

“Пред сè, од човечки аспект јас морав сам да објавам, сам се пријавив кај матичниот лекар и во Институтот за јавно здравје бидејќи е човечки и нормално да се објави таква информација за да можеме да ја заштитиме јавноста и луѓето. Првенствено изразувам една голема благодарност на граѓаните на општината Чешиново-Облешево кои ја сфатија таа ситуација. Сепак има исклучок со една мала група на луѓе кои шират дезинформации, а имаше и непријатна случка со едно лице кое е пријавено во полиција. Лицето шири лажни вести во општината, па дури кажал и дека градоначалникот починал. Пријавив во СВР Штип и СВР Кочани и денеска имам информации дека МВР досега нема преземено никакви активности против тоа лице и покрај тоа што постои закон против ширење лажни информации. Лицето треба да го повикаат од полиција на распит, но до овој момент лицето не е повикано на распит и МВР нема преземено ништо. Тоа е група која за жал се дрзнува на такви ненормални работи. Инаку, поголем дел од луѓето ми се јавија ја сфатија ситуацијата, а добив помош и од соседните општини Карбинци и Кочани. Општината беспрекорно функционира и покрај тоа што сум во самоизолација” – додаде Крстев.