Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој беше заразен со ковид-19 објави дека е негативен на вториот тест и се враќа на работа.

„Сакам да ја информирам јавноста дека штотуку го добив резултатот за вториот контролен тест кој е негативен, направен во Институтот за јавно здравје, од утре продолжувам посветено со моите работни обврски“, објави Димитриевски.

Случајот со кумановскиот градоначалник и со членовите на општинскиот кризен штаб кои беа позитивни на новиот коронавирус, изминатиот период ја брануваше јавноста.

Позитивниот резултат на нивните тестови на ковид-19, ги прати во изолација премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипе и Арбер Адеми бидејќи ден пред да стигнат резултатите беа на состанок во Куманово. И тие денеска ги добија резултатите од вторите тестови и сите се негативни. Во изолација завршија и другите присутни на состанокот, како и новинари кои беа да го покријат настанот.

Од Владата тогаш објавија дека тие не знаеле оти Димитриевски и останатите се тестирале, додека, пак, градоначалникот посочуваше дека мислеле оти се информирани по службена должност.

Надзор за тоа како е правен тестот, како и за тоа што Димитриевски и уште член на штабот потоа со возило на Итната медицинска помош беа да се тестираат во приватни лаборатории, правеше Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој утврди пропусти и кај него и кај здравствените установи во Куманово. ДСЗИ најави и казни, а вчера беше потврдено дека против градоначалникот има и кривична пријава.