„Вината за апсурдните судски одлуки се должи на 11-годишното воспоставуавње на систем што одговара на една партија, односно поконкретно на луѓето во врвот на ВМРО-ДПМНЕ“ кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат М.

Таа додаде дека сегашната власт разви методологија со која се сменети судии и најави дека ќе продолжи да се работи по таа методологија за враќање на довербата во судскиот систем.

„Направено е многу во областа на правосудството, но не доволно и ние не бегаме од тоа. Се покажа дека граѓаните имаат најголеми очекувања од судството. Токму затоа и ние како партија, ги повикавме граѓаните да се гласни и да дадат критика за одлуката што беше донесена од двајцата судии во Апелациониот суд“ рече Кузеска.

Таа додаде дека овој случај и таквата одлука донесена, да се пушти Сашо Мијалков од притвор, направи дополнителен удар врз и така кревката доверба на граѓаните во судството.

Како што кажа Кузеска, Мијалков е човек кој воспостави сосема поинаков систем, каде што ненормалното беше прифатен како нормално во судството.

„Сашо Мијалков придонесе, заедно со функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, да се воспостави систем на режим, каде што 11 години се поставуваа судии по нивни терк, што ќе судат како ќе кажат тие, судии избирани од тефтерчињата на министерката Јанкуловска и судии блиски до Мијалков“ кажа Кузеска.