Скандалозните помилувања на криминалци и нарко босови власта се обидува да ги заташка со апсење на веќе помилуваниот бос на кланот Барон и со класичен театар пред јавноста, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.
СДСМ наостро ја осудува, како што ја нарече, оваа фарса на ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Сиљановска-Давкова.
„Наместо одговорност за скандалозните помилувања, ДПМНЕ и Сиљановска се обидуваат со театрални потези да го смират гневот на јавноста и да избегнат од одговорноста. Претседателката лично ги потпиша одлуките за помилување на криминалци и членови на нарко-кланови, лица кои беа осудени за тешки кривични дела. Ако згрешиле членовите на комисијата за помилување, зошто Сиљановска не ги разреши? Таа не може да се крие зад Комисијата за помилување. Сиљановска го има последниот збор, таа ја носи одлуката и затоа мора да одговори зошто ги ослободува овие лица“, изјави Кузеска.