Пописот на населението којшто ќе се одржи напролет, ќе обезбеди целосни, точни и релевантни податоци, кои се основа за градење на стратегии и политики и за натамошен развој на државата, економијата и општеството, порача денес на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

По речиси две децении без попис, во државата има недостиг од квалитетни статистички податоци, не само за вкупниот број на населението, туку и за точниот бројот на жители во секој регион, општина, како и за нивните карактеристики.

Со пописот како независна статистичка операција ќе се соберат релевантни географски, демографски, економски, образовни, етничко-културолошки, миграциони и други суштински податоци. – рече Кузеска.

Преку пописот ќе добиеме целосни и детални информации во однос на тоа каква е образованата структура на населението, просечната возраст на граѓаните, населеноста на регионите и општините. Ќе добиеме јасна престава за структурата на постоечките индустриски капацитети, но и податоци за потенцијалите за иден развој на општините.

Државниот завод за статистика ги има сите капацитети и е подготвен да одржи попис согласно стандардите и праксите на Обединетите Нации и Евростат. Истовремено, законското решение гарантира дека пописот ќе се спроведе исклучиво како статистичка операција која никогаш повеќе нема да се третира како политичко прашање.

Затоа, позитивен сигнал е најавата на Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ се откажува од идејата за бојкот на пописот закажан за април оваа година.

Очекуваме разумот да преовладее кај сите и по цели 19 години Република Северна Македонија да спроведе попис без мешање на политиката, согласно меѓународните стандарди.

Секоја политичка партија, секој граѓанин поединец, има обврска пред државата и граѓаните да ги поддржи процесите со кои институциите добиваат точни податоци за структурата на населението и домаќинствата, а тоа е возможно само со спроведен попис по сите меѓународни стандарди. – рече портпаролаката на СДСМ.