Додека граѓаните во редици чекаат да аплицираат за ваучери за клима уреди, огромен број на поранешни или актуелни партиски функционери од владејачките партии, носители на јавни функции се најдоа на списоците на Министерството за енергетика рударство и минерални суровини, велат од Левица.

За огромниот број на партиски активисти кои се „почестени” со вакви ваучери алармираа голем број на граѓани, кои се сомневаат во транспарентноста при изборот на добитниците. Нивните реакции, а и самите списоци, укажуваат на бројни политички фаворизирања и злоупотреби при респределбата на јавните средства.

Сметаме дека е потребно да се изврши надворешна ревизија на целиот процес, којшто граѓаните оценуваат дека не е реализиран во фер услови. Во отсуство на транспарентност, го повикуваме Министерството за енергетика да ја обелодени листата на сите членови на комисијата која одобрувала ваучери, како и деталите за нејзиното формирање и критериумите според кои се воделе во изборот на корисниците.

Воедно, го повикуваме Јавното обвинителство да го истражи овој случај, и со тоа да утврди евентуелна и спречи идни злоупотреби на вакви процеси. Без транспарентни постапки е невозможно граѓаните да имаат доверба во институциите, додаваат од Левица.