„Ние детектиравме еден од овие три случаеви, и од таму почнува да се шири цела оваа мрежа и шема која истовремено сме ја исконтролирале со тоа што од една страна ги имаме даночните обврзници , а од друга страна добавувачите и навремено сме ги известиле истражните органи за да продолжат да постапуваат во својот домен. Значи МВР, Јавно обвинителство и финансовата полиција,“ рече директорката на Управата за јавни работи и заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во Топ Тема на ТВ Телма, во врска со случајот на трите нафтени компании кои со фиктивни фактури по основ на поврат на ДДВ сакале да испумпаат од буџетот 2.6 милиони евра.

„Првиот и третиот случај имаат соодветна поврзаност преку соодветен ист сопственик, односно имаат ист основач. Првиот и третиот случај имаат ист сметководител кој што работел исклучиво само за овие два даночни обврзника. Кај втората компанија е интересно што нејзината дејност се менува по извесен период, а со промена на дејноста е недостапна за првиот и третиот случај за да ја внесат во таа шема. Нема нити лиценца, ниту складишен простор за чување на нафта, ги нема основните потреби кои што треба да ги има една нафтена компанија за да се занимава со оваа дејност,“ рече Лукаревска.

Таа посочи дека и при увидот не е констатирано и дека постои бензиска пумпа воопшто. Како и дека тоа значи дека не само што го изиграле делот на даночно работење туку ги изиграле сите правила и закони кои што треба да ги исполнуваат сите нафтени компании за да ја вршат оваа дејност.